FacebookTwitterGoogleYoutubeLinkedin
Грешка
  • JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 430

Џовани Бокачо и култното дело „Декамерон“

  • Недела, Јун 16 2013
  • Напишано од 
  • големина на фонтот намалување на величината на фонтот зголемување на величината на фонтот

Сподели:

Submit to FacebookSubmit to TwitterSubmit to LinkedInSubmit to Google+Submit to Stumbleupon

Џовани Бокачо (16 јуни 1313 - 21 декември 1375), италијански писател и хуманист, третиот претставник на италијанската предренесанса, со своето најважно дело за светската литература „Декамерон“, кое во целост се одделува од метафизичноста на средновековниот начин на мислење.

Тој самиот велел дека е роден во Париз (што е можеби плод на предренесансната фантазија), но најверојатно е роден во Черталд како вонбрачно дете на трговецот Бокачино ди Келино. Детството го поминал во Фиренца, а младоста во Неапол каде се школувал и каде започнал да се занимава со литература. По желба на татко му прво се приготвувал за трговец, а потоа учел канонско право, но за тоа не покажувал интерес. Тој се заинтересирал за античките писатели, како и за Данте.

Во биографијата на Бокачо важно место завзема неговиот престој во Неапол, кога тој се формирал интелектуално и естетски. Неапол, во времето кога тој се образувал (во трговската професија и канонското право), бил раскошен, сосема ренесансен град со весела атмосфера и со дух кој ги славел уживањата.

Животот и творештвото на Бокачо го одбележала незаконската ќерка на кралот Роберт, Марија, која во творештвото на писателот се трансформирала во дона Фјамета. Таа е опеана во стихови и во проза, како жена која со својот темперамент била извор и на среќата и на несреќата на подоцна напуштениот Бокачо.

Важен податок за животната и творечката биографија на Бокачо е другарувањето со Франческо Петрарка во Фиренца, Падова, Милано и во Венеција. Тие тогаш ги делеле своите интелектуални искуства и интересите кон класичните автори и кон творештвото, воопшто. Од тие нивни контакти останала и мошне важна преписка.

Творештвото на Бокачо ја покажува предноста на неговиот раскажувачки талент, иако и тој го почнал творештвото со поезија. Песните во рими кои ги пишувал во различни периоди од животот покажуваат дека тој ја нема дарбата на Данте и на Петрарка за префинета поетска медитација за љубовта.

Романот во проза „Филокло“ има љубовно-авантуристичка содржина. И покрај својата почетничка несигурност, тој сведочи за талентот на идниот голем раскажувач.

Античкиот мотив за љубовта на Троило и Кризеида (преземен од средновековниот „Роман за Троја“), Бокачо го обработил во спевот „Филострато“.

Во позрелите дела на Бокачо треба да се спомене и т.н. прв италијански психолошки роман „Елегија на госпоѓа Фјамета според неа на жените вљубени раскажана“, кој е интересен по раскажувањето во прво лице. Раскажувачот е жена, па тој факт го прави ова дело уште поинтересно.

Меѓу помалите дела на италијански јазик се „Буколички песни“, како и биографиите на познатите жени (од Ева до Ивана Неаполска), потоа важното учено дело на Бокачо „За родословите на паганските богови“, а треба да се истакне и активноста на Бокачо во врска со проучувањето на делото на Данте. 

„Расправите во слава на Данте“ го содржат култот на Бокачо кон големиот поет на „Комедијата“, па со право се смета дека токму Бокачо ја нарекол „божествена“.

Бокачо починал во Черталд на 21 декември 1375 година.

„Декамерон“

„Што би можеле да кажеме, ако не тоа, дека и во сиромашните колиби небото понекогаш испраќа возвишени духови, како што и во кралските дворови понекогаш се раѓаат такви што заслужуваат поскоро да чуваат свињи отколку да владеат!"-  во овој цитат можеме да ја забележиме основната на идеја на ова ренесансно дело. Дека не е важна твојата припадност, туку твојот ум и карактер.

Тоа Бокачо успева да го прикаже низ 100-те новели од кои се состои ова дело. Тој покажува дека и кралевите и свештениците можат да бидат измамени, дека всушност пред очите на Бога сите сме исти.

„Декамерон“ претставува заокружена збирка раскази кое авторот го постигнал со воведниот дел, односно „Уводната новела“, каде Бокачо го прикажува својот концепт на збирката.

Имено, за време на големата чума во Фиренца, група млади луѓе (7 жени и 3 мажи) се засолнуваат во една куќа (се повлекуваат во карантин) и за да не им биде здодевно за секој ден определуваат крал или кралица кој ќе кажува што да прават.

Во текот на тие десет дена, сите десетмина, секој ден раскажуваат по еден расказ на определена тема (10 X 10 = 100). Затоа збирката содржи 100 новели. Во „Декамерон“ се прикажани многу настани, ликови и случки. Освен според деновите, како што ја направил поделбата самиот Бокачо, новелите може да ги поделиме во неколку групи.

Во првата група може да ги ставиме кусите новели со остромни изреки. Такви се, на пример, новелите: „Итрината на Кикибио“, „Форезе и Џото“, „Франческа и огледалото“ и др.

Во „Итрината на Кикибио“, слугата Кикибио итро се снаоѓа кога неговиот господар ја бара ногата од жеравот што бил приготвен за вечера, а кој претходно го изела жената на Кикибио. За да ја докаже својата невиност, утредента Кикибио и неговиот господар отишле да ги видат живите жерави и да се убедат дали имаат една или две нозе. 

И навистина, додека спиеле жеравите стоеле на една нога, и Кикибио го имал својот доказ. Но, тогаш, неговиот господар извикал „хо, хо“ и ги разбудил и растерал жеравите кои ја испружиле и другата нога. Збунетиот, и фатен во „небрано“ Кикибио, веднаш се снашол и рекол дека господарот синоќа не викнал „хо, хо“, па затоа жеравот од трпезата не ја покажал својата друга нога.

Во втората група се новелите каде се прикажани големите добродетелства, како на пример во новелите: „Маркизот од Салуцо“, „Приказна за соколот“ и др.

Во новелата „Маркизот од Салуцо“, издржливоста, покорноста и достоинството на сиромашната селанка Гризелда која ја зема за жена маркизот од Салуцо не може да се спореди со карактеристиките на ниедна благородничка.

Неговото изживување и искушување ја превршува секоја мерка (и ги одзема децата, кои божем ги убива; по многу години ја брка од куќата велејќи и дека ќе се жени за друга), но таа достоинствено истрпува сè. На крајот таа ја добива наградата - љубовта и почитувањето од својот маж и од сите луѓе.

Во „Приказната за соколот“ , исто така, љубовта и достоинството го креваат главниот лик до совршенство. Неговата жртва за љубовта доведува на крајот до остварување на таа љубов, токму поради неговите добродетелства.

Во третата група спаѓаат љубовно-еротските новели како: „Босилокот на Изабета“, „Славејчето“ и други.

Љубовта што ја чувствувала и ја остварила Изабета е многу овоземна. Таа го сака и остварува физичка љубов со слугата Лоренцо, но, за жал, таа завршува трагично, поради моралните норми кои ги поставиле општеството и нејзините браќа. Како и да е, таа останува верна на единствената љубов во нејзиниот живот, без разлика што бил од друг сталеж.

Исто така, Катарина и Ричардо од новелата „Славејчето“ ја остваруваат својата љубов. Многу суптилно еротски Бокачо прави компарација со „славејчето“ и еротската љубов што ја чувствуваат двајцата млади.

Рушењето на бариерите во однос на класата на која и припаѓале е многу присутна во новелите на Бокачо. Селаните можат да бидат со благороден карактер и поради тоа да бидат еднакви со богатите. Таа граница која во средновековието била непробојна, кај Бокачо веќе се руши. Според него, човекот е човек, без разлика на кој сталеж му припаѓа.

Во четвртата група спаѓаат новелите во кои Бокачо ги критикува ниските човекови нагони, а особено ги разобличува свештениците. Ја опишува нивната алчност, нечесност, злоупотребата на религиозноста и суеверието на неукиот народ за своја полза.

Таков е, на пример, фра Чиполо кому Бокачо му ја разоткрива лажната светост и лицемерието. (Сличен пример ќе видиме подоцна кај Молиер и „Тартиф“). Бокачо им се потсмева на свештениците кои едно зборуваат, а друго прават, кои проповедаат воздржаност од физичка љубов, а самите се развратни.

Иако „Декамерон“ има забавен карактер, сепак, во него Бокачо реално го претставил италијанското предренесансно општество во 14. век.

Тргнувајќи од тоа дека овој ренесансен автор не бил туѓ на љубовни розачораувања, тој во ова дело пишува и за неговата сакана Марија Фијамета, која е дел од десетчлената дружина која ги раскажува овие новели.

Некои од расказите дури и ѝ се посветени на неа, бидејќи таа иако го сакала и била со него, често го изневерувала.

Од реално опишанитните случки и настани во овие новели можеме да извлечеме поуки кои траат за цел живот, но и да сфатиме всушност што се случувало и каква била состојбата во времето на овој писател. Како се водела борбата на овие луѓе против догматичната црква и што всушност произлегло од неа.

 

Извор: Wikipedia

 

wa banrce patuvaj vo evropa baner vo tekst

Сподели:

Submit to FacebookSubmit to TwitterSubmit to LinkedInSubmit to Google BookmarksSubmit to Stumbleupon

Објавено во Артвизор

Оставете коментар

Партнери

Наши проекти

  • Време е децата да кажат НЕ
    Проектот се реализира во периодот од 20 август до 21 декември 2012 година во Дневниот центар за деца со посебни потреби во селото Долни Манастирец, општина Македонски Брод. 
    Read more...
  • Изборите кои го менуваат светот-изборна кампања во САД 2012
    Онлајн магазинот „Револуција“ ги следеше секојдевно изборите во САД за избор на претседател и притоа најинтересните моменти од нивното одвивање ги објавуваше на порталот секојдневно.
    Read more...
  • Биди гласен-имај став
    Имате критичко размислување кон состојбите во општеството? Поседувате талент за анлитичко размислување и пишување?
    Read more...
  • Практика
    Пракса за преведувачи од англиски или германски јазик на македонски јазик на дневни содржини на порталот „Револуција“
    Read more...
  • Автори на карикатури и стрип
    Имате критичко размислување кон состојбите во општеството? Поседувате талент за цртање? Не сте се промовирале доволно во јавноста?
    Read more...

Промоции